Трговска војна: ЕУ возвраќа на САД со царини
Европската унија одобри воведување контрамерки во форма на царини за повеќе американски производи како што се соја, мотоцикли и сок од портокал. Според информациите на дипломати вклучени во гласањето, единствена членка која се спротивстави на пакетот е Унгарија, додека останатите 26 земји гласаа „за“.
„ЕУ ги смета американските тарифи за неоправдани и штетни, предизвикувајќи економска штета на двете страни, како и на глобалната економија. ЕУ јасно стави до знаење дека претпочита преговори со САД кои би резултирале со избалансирани и заемно корисни решенија“, се вели во соопштението на Европската комисија.
Како одговор на тарифите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за европскиот челик и алуминиум, ЕУ ќе ги воведе своите контрамерки во три фази. Првиот бран стапува на сила следната недела, вториот во средината на мај, а третиот на крајот на годината, во декември.
Од вторник, 15 април, планирано е да се воведат тарифи од 25 проценти на првичната листа на производи, на која се очекува да бидат мотоцикли, луксузни чамци и сок од портокал. Оригиналната листа вклучуваше и американски бурбон, вино и млечни производи, но тие беа отстранети по лобирањето од европската винска индустрија.
Првично, овие мерки требаше да стапат во сила на 1 април, но беа одложени за да се остави простор за преговори. Сепак, Трамп веднаш го отфрли предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за договор без царини.
Втората фаза, која ќе почне во средината на мај, ќе опфати текстил, кожни производи, јајца, забен конец и живина.
Третата фаза е закажана за 1 декември кога ќе се воведат контрамерки за американските производи од соја и бадеми. Сојата, која се користи како добиточна храна, има најголема извозна вредност меѓу американските земјоделски производи извезени во Европа.
Во меѓувреме, денеска стапија во сила новите американски царини од 20 отсто за увозот од ЕУ, но овие европски контрамерки за кои денеска се гласаше во Брисел не се однесуваат на овие последни потези на Трамп. Европската комисија подготвува дополнителни контрамерки, кои би можеле да бидат објавени веќе следната недела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа