Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот
На собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден по ред треба да продолжи општата расправа за ребалансот на Буџетот.
Според пратениците од власта, ова е најтешкиот ребаланс затоа што е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Посочија дека Буџетот кога бил предложен претходната власт кажала ќе биде развоен и ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега, велат, имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Додека, па, според пратениците на опозицијата, овој ребаланс е најлошиот досега и со него нема раст на платите и пензиите, а зголемен е и јавниот долг од 58 на 68 отсто.
На вчерашниот втор ден, пратениците расправаа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Според пратениците на опозицијата, институциите од судската власт треба да имаат поголеми буџети, додека, пак, според владините пратеници овој буџет им е премногу со доверба од само два проценти кај граѓаните.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски вчера на собраниската комисиска расправа истакна дека оваа Влада има намера да направи финансиска консолидација на целокупното стопанство, да ги екипира сите буџетски корисници и да направи контрола на непродуктивните трошења, ќе продолжи со зголемување на платите и пензиите, а обезбеди и средства од каде можеше за нормално функционирање на државата.
Реплицирајќи и на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.
-Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20 000 денари, Тренчевска.
Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.
Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа