Тренчевска: СДСМ поднесе амандман за поголеми плати на работниците
СДСМ денес поднесе амандман за поголеми плати на работниците, зголемување на минималната плата, за колективните договори, како и зголемување на плати во јавниот сектор.
Со ова треба да продолжи трендот на зголемување на платите, во согласност со претходните системски решенија кои ги постигна претходната Влада, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната расправа на комисијата за носење на буџет.
-СДСМ е на страна на работниците. Континуитетот на зголемување на платите треба да продолжи. Според податоците, од 2016 година, кога просечната плата беше 22.460 денари, денес таа е 41.252 денари. Минималната плата во 2012 беше 8.500, а денес е 22.567 денари. Значи од 2012 до 2024 минималната плата е зголемена за 150% и ваквите системски решенија и раст на платите треба да имаа континуитет и понатаму. Тоа е многу важно за стандардот, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на фактот што во времето на претходната власт, за првпат по 15 години беше склучен нов општ колективен договор со кој се унапредија правата и се зголемија платите на сите вработени во јавниот сектор.
-Колективниот договор е донесен во дијалог со синдикатите. Во меѓувреме се потпишаа и голем број колективни договори на ниво на работодавците каде дополнително се унапредија правата во различните дејности и сите овие придобивки за работниците треба да продолжат и понатаму, па затоа и го поднесовме овој амандман за зголемување на платите, објасни Тренчевска.
29.07.2024 - 14:37
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа