Трамп до Харис: Отпуштена си

 

По повеќемесечната кампања обележана со излегувањето на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден од изборната трка и два обиди за атентат врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, американските гласачи во вторник ќе одлучат дали да му дадат повеќе од една шанса на поранешниот претседател или за првпат да изберат жена на таа функција – Камала Харис, кандидатката на демократите и актуелен потпретседател на земјата, анализираат американските медиуми.

Во надеж дека во последните денови од предизборната кампања ќе можат да влијаат на таа одлука, претседателските кандидати се обидоа во последните пораки да им покажат што ги чека во иднина, во зависност од исходот на изборите, пренесува Глас Америка.

„Доколку биде избран, Доналд Трамп ќе влезе во канцеларијата на првиот ден со список на непријатели. Кога ќе бидам избрана, ќе влезам со листа полна со приоритети за тоа што ќе направам за американскиот народ. И ќе соработувам со сите – демократи, републиканци, независни, за да им помогнам на Американците кои работат напорно, но и покрај ова, тие се уште се борат“, рече Харис на митингот во Вашингтон. На митинг во Њујорк, Трамп повторно ги праша своите поддржувачи: „Дали ви е подобро денес отколку пред четири години?

„Тука сум денеска со порака на надеж за сите Американци: со вашиот глас на овие избори ќе ја окончам инфлацијата. Ќе ја прекинам инвазијата на криминалците кои доаѓаат во нашата земја. Ќе го вратам американскиот сон. Мора да станете во вторник и да кажете дека Камала Харис завршила ужасна работа. Камала, ти си отпуштена“, рече Трамп.

Пред изборите, републиканските гласачи се најмногу загрижени за економијата и имиграцијата, додека демократите се фокусирани и на прашањето за абортусот и заштитата на демократијата. Исходот од изборите е крајно неизвесен.

„Нема јасен фаворит на овие избори. Може да тврдите дека трендот во анкетите е малку попозитивен за Трамп во изминатите неколку недели, но не доволно за да го направи јасен фаворит. Ниту победата на Харис, ниту победата на Трамп не би била изненадувачка. Би било изненадувачки ако на крајот резултатот не би бил толку цврст“, смета Кајл Кондик, политички експерт од Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера изјави дека Европа ќе мора да ја преиспита поддршката за Украина доколку Трамп биде избран за претседател на САД, нагласувајќи дека ЕУ не може сама да го поднесе товарот на војната, пренесува Радио Слободна Европа.

„Мораме да разбереме дека ако во Америка се избере претседател кој е за мир, тогаш ниту Европа не може да остане провоена“, рече Орбан. Заменик претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, предупреди на преголемите очекувања на руската јавност од резултатите од претседателските избори во САД, кои ќе се одржат на 5 ноември.

„Немаме причина да имаме никакви надуени очекувања за Русија, бидејќи овие избори нема да сменат ништо. Позициите на кандидатите целосно го одразуваат двопартискиот консензус за потребата нашата земја да биде поразена“, објави Медведев на својот канал Телеграм.

04.11.2024 - 19:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега