Трамп да ја каже вистината за војната во Украина, бара неговиот поранешниот потпретседател

 


Мајк Пенс, американскиот потпретседател за време на првиот мандат на Доналд Трамп, реагираше на изјавата на американскиот претседател дека Украина започнала војна со Русија.

Вчера Трамп, коментирајќи го незадоволството на Украина од преговорите меѓу САД и Русија, рече дека Украина ја започнала војната.

„Денес слушнав „ох, не бевме поканети. Па бевте тука три години, требаше да го завршите тоа… Никогаш не требаше ни да го започнувате. Требаше да постигнете договор“, рече Трамп.

Пенс напиша на Икс дека вистината е од суштинско значење за градење мир.

„Господине претседателе, Украина не ја ‘почна’ оваа војна. Русија започна неиспровоцирана и брутална инвазија која однесе стотици илјади животи. Патот до мирот мора да се гради на вистината“, напиша Пенс.

Пенс цитираше наслов од Фокс њуз на 24 февруари 2022 година во објавата: „Русија ја започнува инвазијата на Украина во најголемиот европски напад од Втората светска војна“.

 

Пенс е конзервативен политичар од Републиканската партија и поранешен потпретседател на Трамп. Иако тој беше близок соработник на Доналд Трамп, нивната врска беше предмет на тензии, особено откако Пенс одби да ги поддржи обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Трамп продолжи да тврди дека изборите биле украдени и се обидел да влијае на изборните резултати, вклучително и да го повика Пенс да го блокира потврдувањето на изборните резултати во Конгресот на 6 јануари 2021 година. Трамп го повика Пенс да го искористи својот авторитет за да одбие да ги признае резултатите од неколку држави во кои победи Бајден.

Сепак, Пенс јасно стави до знаење дека не може да го исполни барањето на Трамп бидејќи тоа би било спротивно на неговите уставни должности.

Трамп изјави дека Пенс „немал храброст“ да го направи она што го бара од него.

20.02.2025 - 08:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега