Тошковски: Ова што се случува во затворите е срам за Македонија, не може затвореник што наводно е во затвор да предизвика сообраќајна незгода

 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека во иднина нема да има недопирливи, без оглед на политичката или социјалната заднина и најави бескомпримисна борба против криминалот.

Осврнувајќи се на состојбата во македонските затвори за која неодамна директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, објасни дека затвореници влегуваат и излегуваат кога сакаат и дека седум години не е направена контрола, Тошковски рече дека таквата состојба мора да биде разгледана и процесирана.

„Македонската јавност знае дека некои затвореници, наводно додека биле во затвор, биле и дел од одредени кривично-правни настани надвор од затворот и тоа ќе мора да биде соодветно процесирано. Ова што се случува во затворите е срам за Македонија, факт е дека она што беше констатирано во текот на минатите денови е така како што е и верувајте ми дека соодветно и навремено ќе реагираме за да го расветлиме и овој кривично-правен настан.

Ова не е управна постапка. Не може затвореник што наводно е во затвор да предизвика сообраќајна незгода или да учествува во друга кражба. Тоа е недозволиво. МВР е должно да ги истражи сите овие постапки. Во делот на откривање криминал од ваков размер, апсолутно дека имаме надлежности и ќе постапиме“, нагласи Тошковски.

За обвинувањата од страна на СДСМ, Тошковски рече дека одредени политички партии се обидуваат да ги заштитат криминалот и корупцијата што се вршени во минатото, особено од страна на одредени политички фигури.

„МВР во иднина нема да брка вештерки како досега, тука ќе биде насочено, врз основа на конкретни докази, особено за дејства што се на штета на буџетот на државата и на штета на македонските граѓани. Секој што згрешил треба да одговара пред органите на прогонот“, нагласи Тошковски.

24.07.2024 - 14:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега