Томовски: Поскапуваат цените на угостителските услуги во Владините објекти за 50%
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски најави зголемување на цените на угостителските услуги за 50% во Владините објекти.
Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, истакна Томовски.
„Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните.
Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%.
Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар.
Во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.
Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар“, потенцираше Томовски.
25.07.2024 - 09:11
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа