„Тифани“ повторно ја отвора култната продавница за накит на Петтата авенија
По речиси четири години реновирање зад скелиња и паравани, „Тифани и Ко.“ оваа недела ја отвора својата водечка продавница за накит на Петтата авенија во Њујорк.
Локацијата на Менхетен, овековечена со филмот „Појадок кај Тифани“ од 1961 година со Одри Хепберн во главната улога, претрпе големо преуредување, со што луксузната златарница се надева дека ќе помогне да се поттикне моментумот на брендот под палката на новиот сопственик, францускиот гигант за луксузни производи ЛВМХ.
Реновираната продавница вечерва ќе има официјално отворање само за поканети гости. За јавноста повторно ќе биде отворена на 28 април.
Ова е прво целосно преуредување на култната златарница од отворањето во 1940 година.
Целта, според извршниот директор на „Тифани“, Ентони Ледру, е да им понуди уникатно искуство на клиентите, со спој на уметност, занаетчиство, наследство и начин на живот.
„Тифани се стреми да остане верна на своите корени, а во исто време да остане културно релевантна“, напиша тој во е-пошта до агенцијата АФП.
„Компанијата сака да ја направи ‘Тифани’ достапна за сите генерации“, додаде тој.
Тифани е основана во Њујорк во 1837 година и стана најпозната по дијамантите, сребрениот накит и свршеничките прстени што се продаваат во култните светло сини кутии. Компанијата вработува 14.000 луѓе и управува со приближно 300 малопродажни места ширум светот.
Покрај реновираните продажни пултови, на десетте ката на продавницата на Менхетен ќе има неколку изложбени салони и бистро со кое ќе раководи францускиот готвач Даниел Булу, како и ВИП простор.
Повторното отворање на водечката продавница на Tiffany & Co на аголот на Петтата авенија и улицата Ист 57 доаѓа по долгото реновирање, прво по 83 години, и милијарди капитални инвестиции во една од најпознатите и најскапи трговски квартови во Њујорк.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа