Светската банка ги финансирала сторителите на убиства и силувања, обвини американска организација
Светската банка не успеала да ги повика властите во Танзанија на одговорност за сериозни прекршувања на правата, вклучително и вонсудски убиства и сексуални напади, поврзани со проширувањето на националниот парк „Руаха“ на југот на земјата, според новиот извештај на Институтот „Оукланд“.
Извештајот на американската организација, која редовно ги следи злоупотребите на правата на домородните заедници, е резултат на повеќемесечна истрага, која откри докази за прекршување извршени од чувари на паркови делумно финансирани од проект на Светската банка, вреден 150 милиони долари.
Во октомври 2022 година министерот за земји и човечки населби на владата на Танзанија објави план за иселување на луѓето од пет села, со вкупно население од повеќе од 21.000. Засегнатите заедници ќе вклучуваат членови на народите Масаи, Датога и Сангу, кои се сточари.
Бруталните тактики на танзаниската влада за раселување на локалните заедници и развој на туризмот во националниот парк „Руаха“, целта на проектот, „се нераскинливо поврзани со неговото финансирање од Светската банка“, се вели во извештајот.
Во кореспонденција со Институтот „Оукланд“, Светската банка соопшти дека не ги финансира напорите на танзанските власти да ги регулираат границите на парковите. Банката забележува дека не финансира набавка на оружје и тврди дека активностите за проширување на границите на паркот излегуваат од опсегот на проектот, што беше почнат во 2017 година.
Министерот за туризам на Танзанија не одговори на барањето за коментар. Останува нејасно кога ќе почнат масовните иселувања.
Танзанија во голема мера се потпира на приходите од туризмот, а земјата долго време се обидува да ги развие своите национални паркови во обид да привлече повеќе посетители.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа