Сведоштва на патници кои го преживеале судирот на возови во Чешка: „Луѓето кршеа прозорци за да скокнат надвор“

 

Најмалку четири лица загинаа, а 23 се повредени, од кои тројца потешко, во судир на патнички и товарен воз во градот Пардубице во Чешка, соопштија официјални лица.

Патниците кои биле во возот во моментот на судирот изјавиле дека прво се слушнал силен удар, а потоа луѓето почнале да ги кршат стаклата за да излезат.

Областа околу несреќата е опколена и има десетици спасувачки возила, а има и осум болнички екипи и еден хеликоптер, како и повеќе од 60 пожарникари.

„Ми се чинеше дека оди во погрешна насока. Семафорот беше зелен. Одеднаш се слушна удар“, рекол еден од патниците.

Друг патник го опишал моментот на катастрофата, пренесува „Телеграф“.

„За среќа, седевме во следниот вагон. Слушнавме луѓе како кршат прозорци, а потоа скокаа надвор“, рече тој.

Еден од патниците на експресниот воз за ЧТК изјави дека почувствувал голем удар и си ја повредил ногата.

Од возот излегол сам, а пожарникарите најпрво се обиделе да ги задржат патниците во вагоните, бидејќи така било најбезбедно.

„Благодарен сум што сум жив“, рече тој.

Полицаецот Роман Мрквичка, кој беше меѓу првите на местото на несреќата, за новинарите изјави дека е изненаден од апсолутната тишина.

„По шините се движеа само луѓе кои очигледно беа во шок“, рече тој.

„Еден од вагоните беше тешко деформиран, луѓе беа „заглавени“ внатре, некои и повредени“, ја опишал ситуацијата полицаецот.

Чешката телевизија објави и дека товарниот воз превезувал калциум карбид, но дека не дошло до истекување бидејќи првите два вагона биле празни.

06.06.2024 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега