Свадба од пеколот во Ирак: Поради огномет над 100 мртви гости, други 150 завршиле во болница
Најмалку 100 лица загинаа, а 150 се повредени во пожар што избувна на свадба во северен Ирак.
Би-би-си јави дека на свадбата во местото Ал-Хамданија, во провинцијата Ниневија, во северен Ирак, имало стотици гости кога доцна синоќа избувна пожар и го зафати објектот каде се одржуваше прославата.
Причината за пожарот се уште не е утврдена, но првичните информации укажуваат дека пожарот настанал по палење на огномет.
Во првичните извештаи на ирачките медиуми се наведуваше дека и невестата и младоженецот загинале во пожарот, но подоцна агенцијата Нина јави дека тие преживеале, но се сместени во болница со изгореници.
На фотографијата објавена од агенцијата се прикажани десетици пожарникари кои се борат со огнот, а сликите на локалните медиуми објавени на социјалните мрежи покажаа јагленисани остатоци во салата каде се одржуваше прославата.
„Пожарот предизвика уривање на делови од салата во која се славеше, бидејќи таа била изградена од многу запаливи, евтини градежни материјали што се урнаа за неколку минути по пожарот“, соопшти ирачката Управа за цивилна одбрана.
Државната новинска агенција ИНА наведува дека најмалку 100 загинале, а 150 се повредени.
Заменик-гувернерот на Ниневија, Хасан ал Алак, за британските медиуми изјави дека е потврдена смртта на 113 лица.
Сите повредени се префрлени во болниците низ провинцијата, изјави гувернерот за ИНА и предупреди дека бројот на загинати и повредени не е конечен и може да се зголеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа