Столтенберг: НАТО е подготвен да го заштити секој сојузник
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека западната воена алијанса е подготвена да се брани од каква било закана од преселбата на руските вагнерски платенички сили во Белорусија. Тој ова го кажа поради стравувањата дека потегот на платеничката група може да создаде нестабилност за источноевропските членки на НАТО.
„Испративме јасна порака до Москва и Минск дека НАТО е тука да го заштити секој сојузник и секоја педа од својата територија“, изјави Столтенберг.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин пристигна вчера во Белорусија, во согласност со договорот што го преговараше белорускиот претседател Александар Лукашенко. Со овој договор Лукашенко ги спречи платениците да маршираат кон Москва во саботата, откако „Вагнер“ се побуни против руските воени водачи.
„Ако Вагнер ги распореди своите сериски убијци во Белорусија, сите соседни земји се соочуваат со уште поголема опасност од нестабилност“, рече литванскиот претседател Гитанас Науседа по состанокот во Хаг со Столтенберг и владините лидери од шест други сојузници на НАТО.
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека се надева оти заканата од платениците на Вагнер за НАТО ќе биде на агендата на самитот на сите 31 членка во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули.
„Ова е навистина сериозно и многу загрижувачко и мораме да донесеме многу цврсти одлуки. Ова бара многу, многу остар одговор од НАТО“, рече Дуда.
Официјалната одлука на НАТО за продолжување на мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг за уште една година може да се очекува во следните неколку дена.
Како што пишува норвешкиот весник „Верденс ганг“, повикувајќи се на три неименувани дипломатски извори, сите земји членки на НАТО се обединети во одлуката да побараат од Столтенберг да продолжи како генерален секретар.
Столтенберг се уште официјално не се согласил да го продолжи мандатот кој истекува на први октомври годинава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа