Стоилковиќ: Работата во Министерството за односи меѓу заедниците претходно била надвор од прописите, 112 вработени биле незаконски ангажирани
Работата во Министерството за односи помеѓу заедниците претходно се одвивала надвор од прописите, законите и уставот на нашата држава, истакна денеска заменикот-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ на денешната панел-дискусија по повод една година Влада, насловена „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“.
Стоилковиќ посочи дека кога дошол на функција во министерството не постоела ниту програма за работа.
-Затоа сметавме дека треба да усвоиме стратешки план за работа кој ги предвидува активностите на министерството во однос на стабилизација на меѓунационалните односи и воспоставувње на политичка стабилност како неопходен услов за економски развој на државата. Тоа го завршивме и почнаа работите полека да се одвиваат, рече Стоилковиќ.
Посочи дека со буџетот со кој управувал трошоците биле намалени за 60 проценти, односно сите непродуктивни трошоци биле укинати.
Информира дека од 296 вработени кои ги затекнал 112 веќе не се во министерството, бидејќи биле ангажирани на на незаконски начин.
-Навлеговме потполно со реализација на програмата „Нема седење дома, а примање плата“ на Советот за стратешка реформа на јавната администрација, така да од 296 вработени кои ги затекнав во министерството, веќе 112 не се вработени. Да не бидам погрешно сфатен, тие беа во министерството на законски начин, бидејќи министерството не доби ниикаква жалба, ниту тужба во однос на одлуките. Министерството остана со некаде 80 до 90 работени што сметам дека е рационална бројка, изјави Стоилковиќ.
Во однос на новата програма „Одбележување на деновите на националните заедници“ оцени дека веќе има сериозна промена и информира дека ќе продолжат активностите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа