Се намалуваат царинските стапки на 67 стоки и се либерализира трговијата со САД

 

 

 

Собранието на РС Македонија денеска ги усвои измените на Законот за Царинската тарифа, со што се врши намалување на царинските стапки за 67 стоки, претежно суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија. 

Истовремено, се укинуваат царинските давачки за увоз на стоки со потекло од Соединетите Американски Држави.

Овие измени се дел од реализацијата на Програмата за работа на Владата 2024–2028, која предвидува постепена хармонизација на царинските стапки со оние што важат во Европската унија, прилагодено на економските потреби на македонското стопанство.

Законот е подготвен во консултација со Стопанските комори и претставува продолжување на политиките за поддршка на бизнис заедницата. Главна цел е зголемување на конкурентноста, поттикнување на извозот и привлекување на нови инвестиции, особено во преработувачката индустрија, металургијата, автомобилската индустрија и енергетиката.

Намалувањет на царинските стапки е направено за 50% од разликата меѓу постојните стапки и оние што ги применува ЕУ, во согласност со правилата на Светската трговска организација.

Особено значајна е мерката за намалување на царинската стапка на литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија, што ќе придонесе за развој на енергетскиот сектор, подобрување на стабилноста на електроенергетскиот систем и поддршка на инвестициите во обновливи извори.

Дополнително, целосната либерализација на увозот на стоки со потекло од САД има за цел да ја засили конкуренцијата на домашниот пазар и испраќа позитивна економска порака во меѓународната трговија, со што се поттикнува воспоставување на реципроцитет и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.

24.06.2025 - 19:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега