Стано: Очекуваме безусловна соработка од Србија за настаните во Бањска
ЕУ очекува целосна и безусловна соработка на Србија во врска со настаните во Бањска на 24 септември, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано и рече дека Брисел е подготвен да разгледа мерки во однос на Србија, доколку земјите-членки сметаат дека е потребно.
„ Земјите-членки ќе донесат одлука за ова доколку оценат дека имаат доволно информации и докази. Кога ќе проценат дека моментот е вистинскиот, земјите-членки ќе одлучат според настаните на Косово и понатамошните чекори – рече Стано.
Тој нагласи дека приоритет е деескалација и стабилизирање на безбедносната ситуација на северот на Косово и дека „набљудуваната акумулација на српските безбедносни сили во близина на Косово мора да престане“.
„ Потребна е темелна и адекватна истрага за терористичкиот напад на северот на Косово, која ќе покаже не само кои се сторителите, туку и кој стои зад бруталниот напад. Очекуваме целосна и безусловна соработка на Србија во ова – рече Стано.
Тој изјави дека косовската полиција е овластена да го истражи нападот во Бањска, со оглед на тоа што настанот се случил на Косово и додаде дека „добредојден е придонесот на секој кој може да помогне да се расветлат околностите на нападот. ”
Стано додаде дека ЕУ има многу добра соработка со полицијата на Косово, како и дека има добра комуникација со ЕУЛЕКС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа