Средношколци им помагаа на корисници на јавниот превоз во Скопје

 

Триесетина ученици од средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје вчера им помагаа на стари и изнемоштени лица и на мајки со мали деца кои го користеа јавниот превоз во главниот град.

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ соопшти дека иницијативата била на училиштето, а целта да им се укаже на бонтонот на сите корисници на јавниот превоз, дека треба да се има билет при користење на превозот, да се чува инвентарот во автобусите и однесувањето да биде примерно, особено на  младите.

-Позитивните реакции на патниците беа доказ дека учениците ја постигнаа својата цел, односно покажаа дека и младите се одговорни граѓани и сакаат, можат, делуваат, соопшти ЈСП за иницијативата на средношколците под мотото „Патуваме заедно, учиме одговорност, сигурна безбедност“.

Во еднодневната акција тие се возеле на 15 линии на ЈСП кои се најчесто користени од младите. Учениците ќе ги искористат своите искуства и за изработка на анкета во врска со безбедноста при користење јавен превоз и за предлог идеи за нејзино унапредување.

Акцијата на  „Васил Антевски-Дрен“ била дел од активностите по повод патронатот на училиштето. ЈСП очекува дека со вакви иницијативи ќе се придружат и други образовни установи.

28.10.2022 - 10:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега