Средба Сиљановска Давкова - Бомгартнер: Македонските аспирации за членство во ЕУ се стратешки приоритет на државата

 


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Француската Република, Сирил Бомгартнер.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, што се карактеризираат со традиционално пријателство, отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес.

На средбата се разговараше за македонските аспирации за членство во Европската Унија, како стратешки приоритет на државата. Во тој контекст претседателката Сиљановска Давкова истакна дека поддршката од страна на нашите пријатели и партнери во ЕУ, вклучувајќи ја и Франција, за нас е високо ценета и значајна.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, преку враќање на вербата во мериторниот процес на интеграција, со фокус на исполнување на копенхагенските критериуми.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази надеж дека историските прашања, стари и по сто години, нема да го преземат приматот на реформите кои се главен национален приоритет и воедно изрази очекување за подлабока соработка со Француската петта република за примена на француските искуства во развојот на демократијата.

 

Во контекст на владеење на правото како прв и најважен критериум од Копенхаген, Претседателката ги посочи актуелните внатрешни предизвици врзани за нарушениот уставен принцип на поделба на власта без која нема парламентарна демократија.

03.06.2024 - 16:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега