Средба Муцунски - Лосон: Во фокусот сојузништвото во рамки на НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се сретна со Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон.
На средбата беше истакнато заемното задоволство од развојот на одличните билатерални односи, кои двете пријателски земји во континуитет ги негуваат во изминатиот три-децениски период. Притоа беше искажана и подготвеност за натамошното унапредување на меѓусебното пријателство и долгогодишната соработка во периодот што следи.
Во фокусот на разговорите беше сојузништвото во рамки на НАТО, при што беше истакната потребата за продолжување на блиската соработка на двете земји во рамките на Алијансата, особено во контекст на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон. Како сојузници, двете земји континуирано и со заемни заложби активно придонесуваат во правец на зачувување на глобалниот мир и трансатлантската стабилност, имајќи ги предвид актуелните безбедносни предизвици.
Министерот Муцунски се осврна и на тековниот британски проект за јакнење на капацитетите на Директоратот за НАТО, при што изрази благодарност за поддршката која придонесува за уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога околу разни прашања врзани со членството во Алијансата.
Како најголем трговски партнер на ОК во регионот и воедно втор најголем странски директен инвеститор за нашата земја, соговорниците ги потврдија силните економски и трговски односи меѓу двете земји и го нагласија интересот за нивно натамошно зајакнување.
На средбата стана збор и за нашиот евроинтегративен процес, посветеноста на реформите и севкупниот општествено-политички и демократски развој на земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа