Костадиновски: 2024 беше година на крупни реформи во работeњето на Уставниот суд

 

-На крајот од 2024 година дозволете ми да направам еден пресек, мое видување за работењето на Уставниот суд и да дадам отчет пред вас за сработеното. Објективна оценка е дека ова е година во која одбележувајќи го јубилејот „60 години уставно судство”, Судот се соочи со крупни реформи и новини во неговата работа, но за жал и година на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот, изјави на прес-конференција д-р Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.

„Обидите за политизација, етнизација на постапките и одлуките на судот со употреба на неосновани непристојни квалификации за мене, за судот, неспорно претставуваат политички притисок и влијание врз Судот. И притисоците и влијанијата, и манипулациите во повеќе наврати а и сега со индигнација ги отфрлам. Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за вледеење на правото, ниту со уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности. Но тоа е нашата општествена или како јас ја нарекувам уставна реалност.

Но, и покрај ваквата реалност, Судот не потклекна и влијанието не се рефлектираше врз квалитетот на нашата работа. Затоа накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на Судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се зема предвид приливот од пристигнатите иницијативи, бројка што оваа година отскокнува од годините претходно, за што ќе елаборирам и со факти, понатаму во моето обраќање.

Токму оваа 2024-та кога славиме 60 години од основањето на Уставниот суд, овој состав на Судот го унапреди своето работење со донесување на најзначајниот документ за саморегулација на начинот на работа и постапката пред Судот, а тоа е новиот Акт.

Со новиот акт се отстранети бројни слабости и можности за манипулативност во постапувањето на Судот кои беа воочени.

Воведени се значајни новини.

Клучната промена која ја донесе овој Акт се контролните механизми за должината на постапките со што се скратува рокот и се забрзуваат постапките.

Посебно значајна новина е што со новиот Акт постои можност ако Судот поведе постапка за уставност и законитост на некој пропис или негови одредби, да не донесе одлука за нивно укинување или поништување, туку да определи рок од најмногу шест месеци доносителот на оспорениот пропис да го измени или дополни истиот во согласност со наодите и аргументите на Судот. Целта на оваа новина е да не настане правен вакуум или последица за граѓаните. Секако доколку доносителот на актот не постапи по барањето на Судот, Судот ќе ја донесе својата одлука но граѓаните ќе знаат дали и како некој државен орган се грижи за нивните слободи и права. Оваа новина веќе е применета во предметот за Законот за електронските комуникации и обврската за прибирање мета податоци.

Друга значајна новина е можноста Судот да изготви и усвои посебен извештај за континуирано неуставно или незаконско постапување на некоја од властите до која Судот дошол низ редовната надлежност постапувајќи по предмети.

Има и други но овие се најсуштествените новини.

За Уставниот суд ова е најефикасната година, ценејќи ги статистиките на решени предмети во последните пет години. Низ бројки ефикасното работење на Судот изгледа вака:

2024 решени се 248 предмети, што е за 25 % повеќе од претходната кога сме имале 186. Годинашната статистика опфаќа решавање на предмети не само од 2024, туку и од годините наназад.

Во просек решените предмети минатите години биле помеѓу 130 и 200 со исклучок на 2020 година кога во вонредната, пандемиска година Судот беше преплавен со предмети за владините Уредби.

Меѓу решените тука се 136 од оваа година, 89 од минатата, 18 предмети од 2022 година, 4 од 2021 и еден од 2020.

Бројот на донесени одлуки оваа година е четирикратно зголемен во однос на минатата 2023 година. Па така, годинава имаме вкупно 107 одлуки, што е исклучително висока бројка, споредено со лани кога сме имале 25, или во претходните години кога на годишно ниво биле донесени меѓу 8 и 25 одлуки вкупно.

Уставниот суд во 2024 година донел 101 одлука со која се укинуваат одредби од закони или подзаконски акти. Поконкретно, донесени се 10 одлуки со кои се укинуваат законски одредби, а 1 (една) одлука со која се поништува законска одредба. Останатите се укинување на други прописи.

Судот донесе три одлуки со која се поништуваат одредби и со две одлуки се утврдила неуставноста додека во правниот промет биле спорните одредби.

Како дополнување на ова е и статистиката за решените барања за слободи и права, Имено, одлучено е по 4 барања за слободи и права на граѓани, од кои во две е утврдена повреда, тоа се случаи веќе познати на јавноста, поврзани со новинари кои известувале за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Прикажаниот приказ на овие одлуки упатува на заклучок дека Уставниот суд постапувал во секоја сфера од живеењето на граѓаните, ги лоцирал и реагирал на неуставните и незаконските одредби, без оглед дали тие биле донесени од локалната или централната власт.

Оваа 2024 година ќе остане забележан и по судскиот активизам, како пример ќе наведам дека по сопствена иницијатива се на Судот, донесени се 67 одлуки.

За прв пат во последните пет години Судот се соочи со прилив на примени иницијативи. Годинава се примени 266 иницијативи, бројка која отскокнува од претходните години кога имало на пример 203 иницијативи лани, 137 во 2022 година, 148 во 2021 итн. Радува фактот што најголем дел од иницијативите или 158 се поднесени се од страна на граѓани, 12 се од здруженија на граѓани, 8 од државни органи, 4 предмети се оформени по иницијатива на политички партии, а 72 по сопствена иницијатива на Судот.

60 годишниот јубилеј беше повод Уставниот суд конечно да добие свој визуелен идентитет со лого, веќе препознатливо за сите. Значајниот јубилеј го одбележавме со над 150 гости присутни на Меѓународна конференција на која акцентот беше ставен на слободата на изразување од аспект на уставно-правната заштита.

Судот продолжи со напредокот во полето на транспарентноста, одржувајќи редовни брифинзи, прес конференции на кои учествуваа и судии и јас како претседател на Уставниот суд. Институцијата со која раководам е отворена и сите информации се достапни на новата веб-страница на Уставниот суд, која е редизајнирана и збогатена. За континуираната соработка со новинарите и унапредувањето на транспарентноста говори и еден податок од спроведеното истражување на Судот помеѓу 90 новинари, кој вели дека 98% од нив одговориле дека се задоволни со нашето информирање, а 84% дале највисоки оцени за одговорите кои ги добиле од Судот.

Во однос на соработката на Судот може да се констатира зацврстување на односите со меѓународните и домашните организации, за што говорат билатералните средби со претставници на меѓународните организации, со судиите-колеги од соседството, од уставните судови во Германија, Белгија, средби со претставници од Венецијанската комисија, билатерални посети и учества на судиите на меѓународни конференции.

Особено сум горд што Судот ќе продолжи соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и следната година со нов меморандум за соработка. Активно продолжува имплементацијата на ИПА 3 проектот на ЕУ, но и соработката со ТИКА.

Еден од моите приоритети кои ги најавив при почнувањето на мандатот е зајакнување на соработката со науката и струката, за што сведочат потпишаните Меморандуми за соработка со Правниот факултет во Скопје и Здружението на правниците со кои веќе почнавме да ги реализираме заедничките активности.

Почитувани граѓани, оваа 2024 година го надминавме најтешкиот предизвик работејќи во нецелосен состав и после скоро 2 години, Судот е комплетиран.

Како што можете да видите од мојот избор за претседател на Судот по сите одредени приоритети веќе се преземени значајни активности. Со исто темпо наредната година ќе имате можност да сведочите целосна посветеност се до нивна конечна реализација.

Пред да завршам, дозволете ми да упатам порака до сите особено до политичките чинители во нашата држава. Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се трудат! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој неможе да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот!

Пораката до граѓаните е да бидат спокојни, Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да го чува Уставот, вашите слободи и права. Владеењето на правото и правната држава не можат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него!

А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг“, изјави Костадиновски!

Ви благодарам и ви посакувам просперитетна и успешна 2025 година, изјави претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски на денешната прес-конференција.

23.12.2024 - 14:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега