Советот за безбедност на ОН денеска расправа за мисијата на Косово
Советот за безбедност на Обединетите Нации денеска ќе расправа за новиот, шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), пренесува „Блиц“.
На седницата во Њујорк со која претседава Русија, Србија и Косово ги претставуваат министрите за надворешни работи Ивица Дачиќ и Доника Гервала- Шварц.
Извештајот детално ги опишува настаните од ноември минатата година, кога Србите ги напуштија институциите на Приштина, но и се што се случи потоа.
Во извештајот за периодот од 16 септември 2022 година до 18 март 2023 година, Гутереш го поздрави Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за спроведување, за кој лидерите на двете страни неодамна постигнаа договор.
Гутереш, во извештајот што на седницата ќе го презентира шефицата на УНМИК, Каролин Зијаде, оцени дека новата рамка за дијалог може да го унапреди процесот кон постигнување долгорочни решенија.
Тој истакна дека за да се зачува стабилноста и да се спречи обновување на тензиите и конфликтите, ќе биде неопходен конструктивен ангажман во сеопфатното спроведување на Договорот.
„Страните целосно се обврзаа да ги почитуваат сите членови од Договорот и да ги исполнат сите обврски на целисходен начин и со добра волја. Ова е исклучително важно взашто настаните во текот на анализираниот период ги доведоа тензиите до ниво на криза, резултирајќи со најсериозното назадување од почетокот на процесот на дијалог во 2011 година“, напиша Гутереш.
Тој додаде дека „засилената и запалива реторика од сите страни, поставувањето блокади на патиштата, повеќекратните безбедносни инциденти и протестите на северот на Косово го зголемија ризикот од насилство“.
„Инцидентите од етничка природа, употребата на огнено оружје и повредите меѓу цивилите и припадниците на косовската полиција, како и очигледното таргетирање на новинарите и меѓународните безбедносни актери, се од особена загриженост. Сите страни треба да покажат воздржаност и да погрижат сите спорови да се решаваат по мирен пат преку дијалог, а не со ескалација“, напиша генералниот секретар на ОН.
Во извештајот, кој не ги опфаќа минатонеделните вонредни локални избори во четири општини на северот на Косово, Гутереш наведе дека понатамошниот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина е „клучен за создавање услови за враќање на претставниците на косовските Срби во косовските институции на северот од Косово“.
Од усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН на 10 јуни 1999 година до 2018 година, Советот за безбедност расправаше за Косово четири пати годишно. Во 2019 година имаше три седници на Советот за безбедност за Косово, а од 2020 година две седници годишно.
Последната седница на Советот за безбедност на ОН за работата на мисијата на УНМИК се одржа во октомври минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа