Со Самит во Вашингтон НАТО одбележува 75 години одбрана, заштита на слободата и демократија и интеграција

Македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски од денеска до четврток ќе учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој ќе се одбележи 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година и на кој главни теми ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.  

Во состав на владината делегација се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Во пресрет на Самитот, шефот на дипломатијата Муцунски на Фејсбук видео порака по повод средбата во која оцени дека „настанот е одлична можност да ги демонстрираме единството на сите сојузници и заемните заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“. 

Најавувајќи го учеството на македонската делегација на собирот, Муцунски упати благодарност до „нашите стратегиски партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење“.  

- Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО-сојузник, со повеќе од два отсто од БДП за инвестиции во одбраната, како и со поддршката што ѝ ја даваме на Украина, истакна Муцунски во пораката.

Цели и заложби на НАТО 

Целта на НАТО е да ја гарантира слободата и безбедноста на своите членки, како клучни за нивната благосостојба, преку политички и воени средства. 

Во воведниот текст на Основачкиот договор на НАТО се посочува дека земјите членки ја потврдуваат својата посветеност на целите и принципите на Повелбата на ОН и на нивната желба да живеат во мир со сите народи и сите влади, за што тие се решени „да ја заштитат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на нивните народи, засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото, се обидуваат да промовираат стабилност и благосостојба во северноатлантската област и се решени да ги обединат своите напори за колективна одбрана и за зачувување на мирот и безбедноста“. 

На политичко ниво НАТО ги промовира демократските вредности и им овозможува на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за да ги решат проблемите, да изградат доверба и, на долг рок, да спречат конфликт. 

На воено ниво пак, Алијансата е посветена на мирољубиво решавање на споровите, но ако дипломатските напори не успеат, таа има моќ, сама или во соработка со други земји и меѓународни организации, да преземе операции за справување со кризи, согласно Членот 5 од Основачкиот договор на НАТО или со мандат на Обединетите нации. 

Врз основа на Членот 5 од Вашингтонскиот основачки договор челнките се согласуваат дека вооружениот напад врз еден или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите и следствено на тоа „тие се согласуваат дека доколку се случи таков вооружен напад, секоја од нив, во остварување на правото на поединец или колективната самоодбрана призната со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе ѝ помогнат на страната или страните кои се нападнати, со тоа што веднаш, поединечно и во соработка со другите страни, ќе преземат такви дејствија како што се сметаат за неопходни, вклучително и употреба на вооружена сила, за да се врати и одржи безбедноста на северноатлантската област“. 

Во вториот став на Членот 5 се нагласува дека за секој таков вооружен напад и за сите мерки преземени како резултат на него, веднаш ќе бе известен Советот за безбедност на ОН. - Таквите мерки ќе бидат прекинати кога Советот за безбедност ќе ги преземе неопходните мерки за обновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност, се додава во членот. 

Членот 4 на Договорот, пак, предвидува дека членките ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на која било од нив, се загрозени територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните. 

Од формирањето на Алијансата во 1949 година, одредбата од Членот 4 досега е активирана седум пати и тоа во пет случаи на барање на Турција која иницираше консултации на Северноатлантскиот совет. Првото барање на Турција беше на 10 февруари 2003 година поради „закана за нејзиното население или територија како резултат на вооружен конфликт во Ирак“, по што НАТО во одговор ја спроведе операцијата „Приказ на одвраќање“, потоа во два наврати во 2012 година, прво на 22 јуни при уривањето на турски борбен авион од страна на сириската противвоздушна одбрана, а потоа и на 3 октомври, кога при ракетен напад од територија на Сирија беа убиени петмина турски цивили, што резултираше со распоредување на ракети Патриот долж границата. Во 2015 Турција одново го активираше овој член по терористичките напади на 26 јули, како и на 28 февруари 2020 година по загинувањето на турски војници при сириски воздушен напад во провинцијата Идлиб. 

На 3 март 2014 година, пак, активирање на Членот 4 од договорот побара Полска поради „зголемените тензии во соседна Украина, како резултат на агресивните дејства на Русија“, а на 24 февруари 2022 година беше доставено заедничко барање на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Чешка за одржување консултации по стартот на руската инвазија врз Украина. 

Земјите членки на НАТО се консултираат и носат одлуки за безбедносни прашања на сите нивоа и на различни полиња. Носењето одлука на ниво на НАТО е израз на колективната волја на сите 32 земји членки, бидејќи сите одлуки се носат со консензус. 

 

09.07.2024 - 09:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега