Скопје останува без јавен превоз, нема субвенции за ЈСП
Скопје останува без јавен превоз откако ЈСП „Скопје“ не доби субвенции за да може да се подели плата. На седницата гласаа сите советници, освен оние на ВМРО-ДПМНЕ. Имаше 22 гласа „за“, но не беа доволни. Ова значи дека и во наредните денови во Скопје ќе нема јавен превоз.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да гласаат за буџетот бидејќи не може Градот постајано да му дава милионски сум на ЈСП „Скопје“ затоа што Арсовска и директорот Крсте Петревски не знаат да менаџираат со ова претпријатие.
„Дајте си оставка градоначалничке и одма ќе помогнете да се реши проблемот што нема автобуси во Скопје. После вас оставки да си дадат и пајташите околу вас, претседателке на Нова алтернатива. Во ноември ви дадовме пари за субвенции за плати за ноември и декември, каде се тие пари, кога сега пак барате средства за декемвриска плата“, рече Малиша Станковиќ од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Дискусијата траеше повеќе од два часа. Дел од советниците кои и гласаа воздржано, жестоко реагираа на раководењето на ЈСП, бидејќи директорот според нив, трошел недомаќински, а во претпријатието се вработувале партиски кадри.
Арсовска рече дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава кризи, во овој случај со јавниот превоз.
„Сè што кажавте денес сè излажавте, вие грам грижа немате за вработените кои смрзнуваат надвор. Намерно креирате криза за после, демек, ја решавате. За точкава не зборувате затоа што нема што да кажете и само лажете. Кога бевте опозиција гласавте за субвенции, сега не гласате. Мицко одма да си даде оставка оти цело време лаже“, кажа Арсовска.
Приватните превозници исто така нема да возат низ градот.
Градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска им даде искрена и недвосмислена поддршка на синдикатите за исплата на субвенции на ЈСП за декември. Таа претходно ги повика советниците да ги изгласаат субвенциите за да вработените во ЈСП земат плата.
Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово од 9 часот се повлекоа во двете автобази во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Таму од 10:30 часот протестираат и го чекаа исходот од вонредната седница на Советот на Град Скопје на која се расправаше и требаше да се одлучи за исплата на субвенции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа