Скопје ќе добие „Бас рапид трансфер“ во верзија на Данела Арсовска
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вели дека жителите на главниот град ќе добијат реформиран автобуски превоз, како одговор на новинарското прашање – дали ќе се реализира проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ), во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Таа вели дека преговорите за проектот се во финална фаза, а решение очекува за две недели. Оформени се два тима што работат на одредени предизвици во решенијата и на нивна елиминација, рече Аровска, и порача дека она што е добро за граѓаните, а е отопочнато од претходниот градоначалник, ќе биде реализирано, но не може да продолжи одредени проекти што одат на штета на граѓаните.
На прашање дали ќе има БРТ во верзија на Данела Арсовска, таа кажа дека ќе има реформиран автобуски превоз кој ќе биде најдоброто решение за жителите на Скопје.
„Ќе се реализира решението што значи подобрување на инфраструтурата и автобускиот превоз во градот, меѓутоа она што беше понудено како проект имаше три опции. Едната опција, која во тој момент ја најавуваше тогашниот градоначалник, претпоставува и некои законски измени, одредени студии за кои, за жал, ќе треба повеќе години за да се реализираат, а треба и изведба на одредени градежни зафати за кои ќе требаат по пет или шест години да се реализираат, меѓу кои, треба студија за главниот цевковод што го снабдува Скопје односно целата водоводна мрежа што оди по ‘Партизанска’, треба изградба и на нов мост ‘Обединети нации’, доколку во тој дел проектот би се реализирал на тој начин“, рече градоначалничката на Скопје.
Таа се решила за друга опција. Според Арсовска, имало многу работи што биле предмет на ревизија, но и предизвици што требало да се отстранат за проектот да може да се реализира веднаш.
„Вие и самите гледате што ни се случува во јавниот превоз. На граѓаните сега им треба решение, а не за пет години од сега“, вели Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа