Сиљановска: Туризмот го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска.

На средбата, претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила став дека туризмот, како гранка, не само што носи приход, туку и го промовира македонското природно богатство и културно наследство пред светот, како наша компаративна предност.

- Мала држава како нашата, со исклучителни природни убавини и вредни културно-историски добра има големи и реални шанси да биде посакувана туристичка дестинација не само за време на летните месеци, туку во текот на целата година. Се разбира, останува трајната обврска на Министерството за култура и туризам, другите министерства, но и единиците на локалната самоуправа, како и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за создавање неопходни претпоставки, истакна Сиљановска-Давкова. 

Стефаноска ја информирала претседателката за работата на Агенцијата којашто е формирана во 2008 година, со акцент на последните неколку месеци откако е на оваа функција, посочувајќи ги успесите и падовите, актуелните проблеми и предизвици со коишто се соочува.

Таа истакнала дека е потребно да се креира стратегија за развој на туризмот, комплементарна со онаа за културата, како гаранција за успех.     

Соговорничките, како што се наведува во соопштението, се согласиле дека поврзувањето на културата и на туризмот во едно министерство е чекор напред во стратешкиот пристап кон нивниот развој.

11.04.2025 - 09:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега