Силјановска Давкова преку непосредни разговори ќе го брани личниот став за употребата на името Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Охрид посочи дека го почитува Преспанскиот договор, како и оти, „за разлика од други“, го почитува меѓународното право. Таа истакна дека начинот како ќе го користи името на државата е „лична определба, право што е загарантирано со повисоки акти од билатералните договори“.
Давкова пред медиумите истакна дека преку разговори ќе ги убедува Грците, дека е во право кога го користи името Македонија наместо уставното име на државата.
За начинот како тоа ќе го спроведува, рече дека има план.
-Се разбира дека имам план. Планот е градење добрососедски односи. Планот е нудење почит и барање самопочит. И мислам дека како што во политиката треба да се трага по уметноста на можното, ќе го направиме набрзо. Мојата прва изјава беше дека нема да одам по светот, дека сакам да се сретнам со соседите и мислам дека ќе го остварам тоа. Се разбира за разговор се потребни сите околу вас и ние немаме друг избор освен да разговараме. Дијалогот е здрава работа и ако нема взаемна почит нема да има резултат. Политиката бара дијалог и јас сум спремна да трагам по тоа и взаемно да ги надминеме проблемите, истакна Давкова.
По однос предупредувањата од официјална Атина дека не е исклучена можноста од покренување постапка пред Меѓународниот суд во Хаг за непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор, Давкова потсети на претходните пресуди на истиот тој суд што не беа почитувани од Грција.
-На истиот тој меѓународен суд, каде ние бевме со Грција, пресуди во однос на кршењето на членот 11 од привремената спогодба. Тоа е исто меѓународен договор. Не верувам дека веднаш ќе се оди на суд. Има градација во Преспанскиот договор. Прво се укажува, се разговара, се адресира прашањето до ОН па потоа се оди на суд. Пресудите на судот треба да важат ерга омнес, но тоа не се случи во нашиот случај, истакна претседателката Давкова.
Сиљановска Давкова при положувањето на Свечената заклетва при стапувањето на должноста Претседател го употреби името Република Македонија наместо уставното име на државата што наиде на реакции кај меѓународната јавност, најмногу во соседна Грција.
Што се однесува на доделувањето на мандатот на лидерот на партијата што освои најголем број гласови на изборите за формирање влада, Давкова посочи дека тоа ќе го стори наредните десет дена.
По однос незадоволството кај ДУИ што не се повикани да бидат дел од новата влада, таа рече дека мандатот оди кај победникот на изборите.
-Многу ми е жал што морам да ги разочарам, но како конституционалистка го читам она што го пишува во Уставот. Нема двајца победници на изборите, еден победник има, тој ги избира коалиционите партнери. Се разбира дека е политички, етнички, демократски здраво да вклучите во владата албански партии, тоа мандатарот веќе ќе го направи, меѓутоа другите тези од типот мнозинство - малцинство апсолутно не држат. Мнозинство има оној што има зад себе 61 пратеник и се разбира, посакувам во иднина при креирањето влади одлучувачки да бидат програмите, односно идеологијата. Тешко можете да мешате вода и масло, треба да имате компатибилни програми, за да имаме навистина реформи, рече таа.
Претседателката во Охрид присуствуваше на отворањето на 18 Европски конгрес FIEPS Europa и 6-тата Научна конференција RPESH на европските спортски педагози, посветена на физичкото образование, спортот и рекреацијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа