Сиљановска Давкова оствари телефонски разговор со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
Во разговорот беше потврдена посветеноста на двете држави за продлабочување на традиционалното партнерство, како и јакнење на регионалната соработка, при што претседателите оценија дека билатералните односи се пријателски, без отворени прашања, со континуиран политички дијалог и конструктивна соработка.
Двајцата соговорници изразија подготвеност и за продолжување на соработката во рамките на НАТО, а претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.
Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Милановиќ разменија мислења за соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот.
Во разговорот стана збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија, при што беше оценето дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и дека постои целосна подготвеност од двете страни за нивно дополнително унапредување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа