Сиљановска-Давкова: Ако Западниот Балкан е „Ахилова пета“ за поетски настроените западни политичари, тогаш треба да се грижат да не биде погоден од некое оружје
Посакувам во 2025 година да ни биде овозможено да тргнеме кон европскиот политички дом каде што географски, историски и културно сме биле и сме. Ако Западниот Балкан е „Ахилова пета“ за поетски настроените западни политичари, тогаш треба да се грижат да не биде погоден од некое оружје. Посакувам, во името на сите граѓани, на крилјата на Реформската агенда да се европеизираме по мерка на Копенхашкиот модел. Балканот е природен дел на Европа, членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе овозможи крај на опасноста од дестабилизација и балканизација! Дипломатијата има особено важна улога да ги препознае негативните трендови кои се сериозен предизвик за Европа како зона на траен мир, во Кантова смисла на зборот, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во синоќешното обраќање на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор во земјава.
Сиљановска-Давкова напомена дека членството во ЕУ беше и останува врвен државен интерес и приоритет, а Брисел, потенцира, е македонската стратешка дестинација.
-И Европската конвенција за фундаментални права како еднаква по важност и по сила на Лисабонскиот договор, од уставен карактер документ, во Преамбулата вели дека ЕУ ќе ги почитува различните култури и традиции на европските народи и на националните идентитети. Токму ова се нашите темелни принципи и јас, како претседателка на Републиката, се залагам за нивно почитување. Или сме еднакви или не сме. Во 21 век, во време на постоење на ООН, Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд, Советот на Европа, Судот во Стразбур, ЕУ, Судот во Луксембург... хипокризија е да се повторува и да се дејствува по формулата: силните го прават тоа што можат, а слабите, тоа што мораат. ЕУ немаше стратегија за Западниот Балкан, категорија што се појави на крајот на деведесеттите, како чудна, геостратешка кованица: земјите на бивша Југославија, минус Словенија, плус Албанија, па минус Хрватска, плус Косово... движечка географија за периферијата на Европа. Како да не е научена лекцијата од крвавиот распад на Југославија, кога ЕУ доцнеше, а САД стигнуваа први. Ние како држава, како македонска нација, се препознаваме во овие тешки како камен монументални зборови на Делор и без никаков нарцизам или претерување, се сметаме себеси за онаа душа што настојуваме да ја споиме со коските на Унијата. Тоа го сакаме, тоа е нашата стратегиска цел за која напорно се бориме повеќе од 30 години, нагласи Сиљановска-Давкова.
Иако сме мала држава, рече, сакаме да бидеме препознаени по нашите специфичности.
-Повеќепати сум цитирала изјави за Европа како недовршена симфонија и би сакала да кажам во духот на музиката, оти ова “Four Seasons” ме потсетува на Вивалди, а нам музиката особено ни лежи како нација, а дипломатијата може да има и Орфеизам во себе. Македонската музика, мелосот ја обележува седумосминскиот такт, но таа е и ГАЈДАТА, сега заштитена и од УНЕСКО како светско културно наследство. А тој инструмент не е изработен од вчера, има длабоки корени во историското наследство. Тоа можеме да го дадеме и го даваме. Тоа е нашата духовна вертикала во европската и во светската дипломатија. Иако сме мала држава, сакаме да бидеме препознаени по нашите специфичности. И тоа е, сепак, нешто ново, ние ви го даваме како можност за дипломатски преговори, наоѓање компромиси, почитување на дипломатскиот такт, кој не е базиран на диктати и преседани, туку на рамноправност, принципи и фундаменти. Нашите песни, не случајно се често тажни, а ората тешки, па едно од најпознатите се вика „Тешкото“, рече Сиљановска-Давкова.
Како што дополни, лично верува не само во традиционалната, туку и во културната, економската и спортската дипломатија.
-Не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси пред зелените војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир, подвлече претседателката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа