Сијарто: Унгарија нема да го поддржи 14 пакет санкции против Русија во сегашната форма
Унгарија нема да го поддржи 14-тиот пакет санкции на Европската унија против Русија во неговата сегашна форма, бидејќи тоа е спротивно на интересите на Будимпешта во областа на енергетиката, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Овој 14-ти пакет санкции е една од најважните теми на денешната дебата“, рече Сијарто, кој учествуваше на состанокот со колегите од ЕУ во Брисел.
Според него, предлог-пакетот како што е во моментов напишан е целосно спротивен на унгарските економски интереси и најверојатно ќе ја загрози енергетската безбедност на Унгарија, пренесува ТАСС.
„Затоа унгарската влада нема да го прифати овој пакет санкции во сегашната форма“, рече Сијарто на средбата со новинарите во Брисел.
Сијарто истакна дека 14-тиот пакет санкции, доколку биде усвоен, ќе го ограничи извозот на унгарски земјоделски производи во Русија и ќе го отежне плаќањето на руските енергетски производи, што на долг рок би значело крај на нивното снабдување. Според него, новиот пакет рестрикции значително ќе ги забави и инвестициите во нуклеарната централа Пакс 2.
Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, на почетокот на април објави дека Европската унија започнала со подготовка на 14-тиот пакет санкции против Русија, кој најверојатно ќе вклучува широк список на рестриктивни мерки, заедно со строга борба против избегнување санкции во поморскиот сектор. Во пресрет на втората годишнина од рускиот напад на Украина, на 23 февруари, Европската унија го усвои 13-тиот пакет санкции против Русија, со што на листата на санкционирани се додадени уште 106 физички лица и 88 компании.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа