Шведска протера петмина осомничени руски шпиони

 

 

Шведска во вторникот ја извести Русија дека петмина вработени во руската амбасада во Стокхолм добиле налог да ја напуштат земјата бидејќи се осомничени за шпионирање, објави шведската телевизија СВТ.

Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, рече дека наводните активности на петтемина шпиони се неспојливи со нивниот дипломатски статус. Билстром рече дека рускиот амбасадор во Шведска, Виктор Татаринцев, бил информиран за протерувањето.

Шведска и пред една година протера тројца вработени во руската амбасада.

Шведската служба за безбедност (САПО) неодамна добила список со имиња на голем број осомничени руски разузнавачи. Од таму велат дека „секој трет руски дипломат во Шведска е разузнавач“.

Националните радиодифузни компании на Шведска, Данска, Норвешка и на Финска – СВТ, ДР, НРК и „Иле“ – минатата недела објавија резултати од заедничка истрага, која покажала дека Русија шпионирала во водите на Балтичкото и Северното Море користејќи цивилни рибарски бродови, товарни бродови и јахти.

Во нивната серија со наслов „Војна во сенка“ радиодифузерите ги анализирале морскиот радиосообраќај и локациите на руските бродови и откриле сомнителни модели на пловење, особено околу морските фарми со ветерници, гасоводи и подводните кабли за струја и за податоци.

Новата епизода, која треба да се емитува вечерва, посочува дека е откриен идентитетот на 38 руски разузнавачи во амбасадите во нордиските земји, што шведските власти ги чуваат во тајност. Радиодифузерите дошле до нивните имиња во соработка со центарот „Досие“, кој има пристап до илјадници обелоденети руски бази на податоци со информации за разузнавачите, нивното потекло и области на експертиза.

Истрагата идентификувала 13 осомничени разузнавачи кои моментално работат во руската амбасада во Стокхолм. Според САПО, 10 од 13-те идентификувани осомничени руски разузнавачи во Шведска се дипломати кои уживаат имунитет и се заштитени со Виенската конвенција.

„Рускиот разузнавачки капацитет е поставен тука да спроведува нелегални штетни активности против Шведска“, вели шефот на контраразузнавањето во САПО, Даниел Стенлинг, додавајќи дека Русија е земја со најмногу разузнавачи во Шведска.

Според истражувањето на нордиските радиодифузери, потврдено било дека во Шведска има вкупно 21 руски разузнавач, кои припаѓаат на руската Надворешна разузнавачка служба (СВР), на Воената разузнавачка служба (ГРУ) или на Федералната безбедносна служба (ФСБ). Информацијата била потврдена од две разузнавачки и безбедносни служби од Западот.

26.04.2023 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега