Шведска го усвои законот за пристапување во НАТО додека чека ратификација

 

 

Шведскиот парламент денеска официјално го одобри законот кој ќе и’ овозможи на земјата да се приклучи кон НАТО откако неговата апликација ќе биде ратификувана од сите 30 членки на алијансата, пишува „Ројтерс“.

Шведска и соседна Финска поднесоа барање за влез во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина. Сепак, тој процес е попречен од Турција, која, како и Унгарија, допрва треба да ги ратификува шведските и финските барања.

Очекувано, шведскиот парламент го усвои законот со големо мнозинство од 296 гласови за и 35 против. Партиите на левицата и зелените гласаа против.

Со влезот во НАТО, Шведска ќе стави крај на двовековната воена неутралност. Шведска особено се соочува со приговори од Турција, која тврди дека во Стокхолм има членови на терористички групи, што шведските власти го негираат.

Анкара бара екстрадиција на луѓето кои ги смета за терористи како услов за давање зелено светло за членството на Шведска во НАТО. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела изјави дека турскиот парламент ќе почне да го ратификува пристапот на Финска во НАТО, но го одложи во случајот со Шведска.

Истиот ден, унгарскиот парламент објави дека ќе гласа за ратификација на приемот на Финска во НАТО на 27 март, но не и на Шведска.

22.03.2023 - 18:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа