Шпанија опустошена од поплавите - Судската палата претворена во мртовечница

 


Шпанија се справува со последиците од поплавите кои ја опустошија земјата во последните 24 часа. Последниот извештај на властите на Валенсија, објавен синоќа во 19 часот и 30 минути, потврдува 95 загинати, и многу исчезнати лица по кои потрагата е во тек.

Локалните власти соопштија дека судската палата во главниот град на регионот, исто така наречена Валенсија, била претворена во привремена мртовечница бидејќи се стравувало дека бројот на жртвите ќе расте. Во градот Паипорта во Валенсија, најмалку 40 луѓе ги загубија животите, од кои шест се во дом за стари лица, објави шпанската државна новинска агенција ЕФЕ, повикувајќи се на изјава на градоначалникот.

На видеата објавени од спасувачките служби се гледаат цели улици под вода, луѓе заробени на покриви и автомобили превртени и натрупани од поплавата. Се проценува дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот во Валенсија, додека околу 5.000 возила се блокирани од надојдената вода, објави ЕФЕ, цитирајќи го шпанскиот Guardia Civil.

 

„Кога водата почна да се крева, дојде како бран“, рече Гилермо Серано Перез (21) од Паипорта, во близина на Валенсија. „Тоа беше како цунами“. Гилермо е еден од илјадниците луѓе кои доживеаја поплави во вторникот вечерта.

Тој и неговите родители се возеле по автопатот кога водата наеднаш почнала да се крева. Преживеаја качувајќи се на мостот и го оставија автомобилот на милост и немилост на поројот. Иако обилните дождови веќе паѓаа со часови, многумина, како семејството Серано Перез, беа изненадени од жестокоста на поплавите.

„Беше болно. Кога видовме дека водата се крева и доаѓа до првиот кат од куќата, се качивме на покривот“, изјави една жителка за ТВЕ. „На покривот останавме до четири часот наутро. Немавме вода, ни беше ладно. Конечно пристигна хеликоптерот“.

„Се е уништено, но барем ние сме живи и тука да кажеме што се случило“, додаде таа.

 

И семејството на Петруте Санду беше изненадено од ненадејните поплави. Последен пат разговарала со своите родители во вторникот доцна навечер, кога тие останале заробени на покривот на нивниот автомобил додека водата се кревала околу нив.

„Од десет часот синоќа не знаеме ништо за нашите родители“, изјави таа за РТВЕ. „Мојот девер пешачеше речиси седум километри низ вода до колена за да најде хеликоптер и возило, но не најдоа никого. Не знаеме каде се нашите родители“.

Би-би-си објави дека водата се повлекла, но премиерот Педро Санчез ги повика жителите на Валенсија, Андалузија и Каталонија да бидат внимателни, бидејќи црвените и портокаловите предупредувања останаа на сила на поголемиот дел од територијата.

Министерот за територијална политика Анхел Виктор Торес рече дека точниот број на исчезнати сè уште не е познат, откако за помалку од осум часа наврна дожд колку за една година.

Кралот Фелипе VI. изјави дека тоа е „огромно уништување“, а Торес најави тридневна жалост од утре до недела.

31.10.2024 - 09:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега