Се реставрира познатата купола на Аја Софија во Истанбул – објектот останува отворен за сите посетители
Во симболот на културното наследство на Истанбул, Аја Софија, започнува обемен проект за реставрација, чија цел е зајакнување на градбата и нејзина заштита. Во моментот се реализира конзерваторска заштита на куполата на Аја Софија, едно од најголемите светски архитектонски чуда. Целта на овие активности е нејзино зајакнување во насока на поголема отпорност од земјотреси, но и зачувување на оригиналната форма. Активностите ќе се извршуваат од надворешната страна на куполата, за да се спречи оштетување на внатрешната површина која е покриена со мозаици. Покрај тоа, во рамките на овој процес ќе се работи и на конзервација на мозаиците во внатрешната страна на куполата.
Аја Софија е една од најпосетуваните историски знаменитости и религиозни објекти во светот. Според податоците, Аја Софија дневно ја посетуваат околу 50.000 луѓе, а годишно бројот на посетители се движи помеѓу 6 и 7 милиони посетители. Процесите на конзервација и реставрација се добро осмислени и додека траат овие активности, Аја Софија ги извршува сите активности како џамија и ќе биде отворена за посетителите. Инаку, веќе се завршени неколку претходни фази од конзервацијата на овој значаен објект, а во текот на овој процес сите нејзини структури се документирани во 3D и целосно дигитализирани, со што се создава дигитален записник на Аја Софија.
Аја Софија е симбол на долгата историја на Истанбул во која се претопуваат, античката, христијанската и исламската традиција. Градбата е позната по својата уникатна купола, која сега е предмет на конзервација и заштита. Куполата на Аја Софија е симбол на византиската архитектура и се смета дека токму начинот на изведба на куполата ја променила историјата на архитектурата. Ја граделе Исидор Милетски и Антимиј Тралски, познати физичари и математичари во своето време.
Аја Софија или пресветата мудрост била изградена од византискиот император Јустинијан Први, кој бил роден во Таурус, место во близина на Скопје. Изградбата започнала во 532 и завршила во 537 година, а во овој обемен градежен процес учествувале 10.000 работници. Аја Софија била најголемата градба во светот скоро 1.000 години, сѐ до изградбата на катедралата во Севиља, Шпанија. Во 1453 година султанот Мехмет Први - Освојувачот, ја трансформирал во џамија, покривајќи ги златните мозаици со сложени исламски мотиви и дезени. Покрај тоа, биле додадени и четири минариња. Подоцна султанот Селим Втори му наложил на славниот архитект Мимар Синан да ја обнови Аја Софија. Неговиот ангажман ја зајакнал градбата, значително продолжувајќи го нејзиниот животен век, како резултат на што Аја Софија преживеала низа земјотреси.
Аја Софија денес е активна џамија во која секојдневно се вршат верски служби, а во периодот од 1935 до 2020 година била музеј. Од 1985 година Аја Софија е впишана во списокот на светско наследство и е по заштита на УНЕСКО.
Туркије интензивно работи на обезбедување одржливост на културното наследство и во таа насока се спроведуваат низа археолошки истражувања, како и проекти за конзервација и реставрација на постојните споменици на културата, историски градби и археолошки локалитети. Се очекува годинава бројот на археолошки истражувања да достигне до 800. Покрај тоа во насока на воведување на нови иновативни решенија во туризмот, Туркије значително инвестираше во развој на модели за одржлив туризам.
За таа цел беше развиен и проектот „Ноќен музеј“, кој значително придонесе за зголемување на бројот на туристите во музеите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа