СДСМ: Пациентите болни од рак не смеат да бидат жртви на неспособната власт
Пациентите на Клиниката за онкологија повторно се соочуваат со недостаток на клучни лекови, од кои директно зависи нивниот живот. Ова денеска преку соопштение за јавноста го велат од опозициската СДСМ.
- Иако Клековски јавно ветуваше дека нема да се случи повторно да нема лекови, оваа недела недостасува биолошкиот лек Palbosiklib, недостиг има и на лекот Bevacizumab (Авастин) – терапија што ја примаат голем број пациенти два пати месечно, терапија од која зависи нивниот живот. Кој е сега изговорот на Клековски и на Таравари? Кој ќе понесе одговорност? Наместо конкретни решенија и навремена набавка, институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ се неспособни да обезбедат навреме лекови, луѓето со месеци чекаат на терапија. Ова е директен удар врз здравјето на пациентите за кои овие лекови се животно потребни. Недозволиво е во 21 век да нема континуирана достапност на основна терапија за најтешките болни, велат од партијата.
Додаваат дека одговорност мора да има.
- Животот на пациентите со рак не смее да биде жртва на неспособноста и неодговорноста на оваа власт, велат од СДСМ во соопштението упатено до јавноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа