СДСМ: Нашиот предлог за ветинг од 2019 го одбија и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ уште во 2019 година повика на целосен и темелен ветинг во правосудството и тоа го наведе како своја клучна програмска определба за изборите во 2020 година. За жал ниту од ДУИ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ таа идеја не доби поддршка. Нашата идеја беше спроведување на целосен и темелен ветинг по примерот на ветингот што ЕУ го спроведе во Албанија, каде што врз основа на имотна и професионална проверка на секој судија и секој обвинител беа прочистени редовите на правосудството од најкорумпираните структури, велат од СДСМ.
„Во однос на проверката на политичките функционери, СДСМ има воведено стандард како ниту една друга политичка партија во Македонија. Уште на почетокот на 2021 година усвоивме Етички кодекс на СДСМ согласно кој секој функционер за кој има истрага за основано сомнение за копрупција беше должен да ги замрзне своите партиски функции до целосно расчистување на случаите. Токму на таа основа и неколку функционери за кои имаше постапки дадоа оставка или ги замрзнаа своите партиски функции.
Владата на СДСМ, со искрена желба да поттикне реформи во правосудството достави покана за оценска мисија на Европската комисија врз Судскиот совет како клучен орган во правосудниот систем. Извештајот од оценската мисија на ЕУ опфаќа 40 препораки кои се однесуваат на мандатот, изборот, разрешувањето, дефиницијата на истакнат правник, контрола на квалитетот на работата, транспарентноста и отчетноста како и комуникацијата со јавноста.
Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да направат искрен чекор кон реформи, најпрво новата Влада да ги објави 40те препораки и да направи план за нивно спроведување во најбрз можен рок со поддршка од сите политички партии.
Што се однесува до реформите во правосудството, СДСМ како што веќе неколку пати повтори, ќе даде поддршка за реформи во правосудството кои ќе бидат поддржани и мониторирани од меѓународната заедница и никако поинаку. Сите реформи во овој сектор мора да бидат направени со цел целосно исклучување на политички влијанија. ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет самостојно да спроведе такви реформи затоа што нивната цел никогаш не била независно судство, туку судство под нивна контрола“, стои во соопштението на СДСМ.
09.08.2024 - 15:59
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа