СДСМ: Извисени се работниците, Мицкоски призна дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на платите
Мицкоски ги извиси и работниците и Синдикатите и призна дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на платите во ниту еден сектор, велат од СДСМ.
„Додека се фали со скапите и луксузни часовници од 60.000 евра Мицкоски ладно најавува дека нема да има поголеми плати во здравството, полицијата, армијата...
Нема да се прифати ниту барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра ниту пак ќе се почитуваат колективните договори.
Извитоперени се приоритетите на Владата на Мицкоски. За луксузни патувања на министрите, за скапи карти и авионски летови со бизнис класи има пари ама за животниот стандард на работниците нема.
Ова се катастрофални економски политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги спроведува уште во првиот месец од мандатот кои ќе го намалат животниот стандард на граѓаните и ќе донесат економска неизвесност.
СДСМ е целосно на страна на работниците, ќе се спротивстави на погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Силно ќе ги поддржиме синдикатите во битка за остварување на своите права и за подобрување на животниот стандард“, стои во соопштението на СДСМ.
22.07.2024 - 21:44
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа