Самка Ибраимовски кривично ќе се гони поради закани кон уставен судија преку „Фејсбук“

Самка Ибраимовски од партијата ПЦЕР и поранешен пратеник доби кривична пријава поради закани кон уставен судија.

Министерството за внатрешни работи објави дека целосно е расчистен случајот, а Ибраимовски преку својот фејсбук профил упатил, како што велат, сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

„Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С.И. во СВР Тетово“, објави МВР.

Против него поднесена е кривична пријава за загрозување на сигурноста.

Ибраимовски негираше дека упатил закани. Тој тврди дека неговите ставови на Фејсбук против Уставниот суд кои дозволи извршителите да продолжат да наплаќаат долгови, се негово демократско право.

„Јас сум поставил само едно прашање – што ако настанат убиства? Сум го пренел гласот на народот, што ми пишуваат мене, во мојот инбокс, каде кажуваат дека: „ќе земам пиштол“ и дека: „ќе отепам некого“ или „јас ќе се отепам“. Тоа е мое едно поставено прашање, кој ќе одговара за настанати убиства ако се случат, не сум се заканувал на судии“, рече Ибраимовски.

Според Ибраимовски, главниот проблем и прашање кое јавноста треба да го постави е како е можно еднаш Уставниот суд да отфрли иницијатива за преиспитување на законитоста и уставноста на измените на Законот за облигациски односи, а потоа истата своја одлука со иста иницијатива повторно да ја преиспитува.

26.06.2024 - 11:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега