Муслиу: При одлучувањето за моето разрешување, претседателката попушти пред партиските притисоци

Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова денеска ме разреши од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање, вели поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во соопштение до јавноста.

„Без да навлегувам во политичката логика и автономија при одлучувањето за моето разрешување, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци.
Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката, за жал во случајот со моето разрешување, отсуствуваат.

Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот.Со гордост и посебна чест ја раководев Агенцијата во изминатиот период во кој вложив надчовечки напори да го подигнам нивото на квалитетна работа и да го пренесам професионалното искуство и знаење стекнато во мојата 31 годишна кариера. Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи АР.

Иако цело време бев изложен на гнасна дезинформациска кампања која доби размери на политички линч кој остави и последици врз моето семејство, сепак, разбивајќи ги табуата во нашето општество, докажав дека Албанец, притоа и без партиска припадност, може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки.

Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да
бидат дел од АР.

Под мое лидерство го подигнавме нивото и ги надградуваме нашите технички капацитети во процесот на дигитализација, информатичка и кибер безбедност.

Постигнавме фантастични достигнувања во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности кои АР ги реализираше самостојно, како и на билатерално и на сојузничко ниво.

Искажувам огромна благодарност до целиот колектив во АР што во изминатиот, навистина динамичен и полн со предизвици,  период ми дадоа безрезервна подршка во тешките зафаќања кои мораше да ги превземеме особено во периодот на ковид пандемијата, реформата на АР, активностите со отпочнувањето на Руската агресија на Украина,конфликтот во Газа и регионалната нестабилност во соседството.

На крај, на новата директорка на АР и посакувам успех во раководењето со Агенцијата, на останатите колеги им посакувам да бидат фокусирани на исполнување на визијата и мисијата на АР, да ја чуваат и бранат РСМ, не затоа што е голема или мала, туку затоа што таа е НАША!

Инаку, претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска донесе одлука за именување на Габриела Јаковлева за директорка на Агенцијата за разузнавање и одлука за разрешување на досегашниот директор Еролд Муслиу“, стои во соопштението на Муслиу.

28.06.2024 - 20:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега