Руте: Членките на НАТО мора да ја зголемат воената помош за Украина

 


Членките на НАТО мора да ја зголемат воената помош за Украина за да се осигураат дека таа е во силна позиција за преговори со Русија кога и да започнат, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки.

„Ќе мораме да направиме повеќе, неопходно е сега да се осигураме дека воената помош ќе стигне до Украина бидејќи тоа е од клучно значење за, доколку решат да го сторат тоа, да можат да влезат во преговорите со Русија од силна позиција“, рече Руте.

„Колку е посилна нашата воена помош за Украина, толку посилна ќе биде нејзината позиција во преговорите и толку побрзо ќе ставиме крај на руската агресија еднаш засекогаш“, додаде Руте.

Посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир, дека руската агресија не покажува знаци на опаѓање, туку напротив, се засилува.

„Путин продолжува да притиска, да освои повеќе украинска територија бидејќи мисли дека на тој начин може да ја скрши украинската и нашата одлучност. Но, тој греши“, рече Руте.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО попладнево ќе разговараат со шефот на украинската дипломатија Андрија Сибих, кој ќе ги информира за актуелната состојба на бојното поле.

Руте одби директно да одговори на прашањето за предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ќе се согласи на прекин на огнот со Русија доколку НАТО заштити делови од земјата под украинска контрола.

Тој рече дека веќе е одлучено дека иднината на Украина е во НАТО, дека тој пат е неповратен, дека приближувањето се случува чекор по чекор, но дека сега е клучно да се обезбеди што е можно поголема воена помош за Киев да може да влезе во преговорите. од посилна позиција.

Руте рече дека утре министрите на земјите-членки на НАТО ќе разговараат за честите обиди на Русија и Кина во изминатите неколку години да ги дестабилизираат членките на Алијансата со сајбер напади, кампањи за дезинформации, напади врз енергетската инфраструктура и саботажа.

„Затоа, сојузниците ќе продолжат да бидат обединети и да се спротивстават на тие закани со низа мерки, вклучително и поголема размена на разузнавачки информации и подобра заштита на критичната инфраструктура“, рече тој.

Додаде дека војната не смее да заврши со исход на кој ќе се радуваат Иран, Кина и Северна Кореја.

Руте рече дека Кина е активна во заобиколувањето на санкциите против Русија и овозможувањето на испорака на производи со двојна употреба и дека е вклучена во војната заедно со Иран и Северна Кореја.

Тој, исто така, посочи дека сојузниците мора да ги зголемат трошоците за одбрана, бидејќи два отсто од БДП не се доволни и дека долгорочно одвраќањето во тој случај нема да биде доволно. Потребно е и зајакнување на одбранбената индустрија.

Руте изрази загриженост поради насилството на грузиските власти врз проевропските демонстранти, кои излегоа на улиците откако проруската грузиска влада објави дека ги прекинува разговорите за приближување со Европската унија.

„Недвосмислено го осудувам насилството врз демонстрантите“, рече Руте.

03.12.2024 - 13:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега