Русија со порака: Нуклеарното оружје ќе биде поставено во близина на границата на земјите од НАТО
Рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов изјави дека руското тактичко нуклеарно оружје ќе биде распоредено во близина на границата на Белорусија со соседите од НАТО.
Изјавата на Гризлов дојде откако рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека планира да распореди тактичко нуклеарно оружје на територијата на сојузничката Белорусија.
Путин истакна дека изградбата на магацинот за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе заврши на 1 јули и додаде дека Русија помогнала да се модернизираат белоруските воени авиони за да можат да носат нуклеарно оружје.
Гризлов, говорејќи на белоруската државна телевизија, рече дека руското нуклеарно оружје ќе биде „поставено поблиску до западната граница на нашата сојузничка држава“, но не наведе прецизна локација.
„Тоа ќе ги прошири нашите одбранбени способности и тоа ќе биде направено без оглед на вревата во Европа и САД“, додаде Гризлов, пренесе АП.
Белорусија дели 1.250 километри граница со членките на НАТО – Летонија, Литванија и Полска.
Тактичкото нуклеарно оружје има релативно мал дострел и значително помала моќност во споредба со нуклеарните боеви глави кои се вградени во стратешките ракети со долг дострел, според медиумите во светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа