Русија подели 1,5 милиони пасоши на жителите на окупираните територии во Украина
Русија подели 1,5 милиони пасоши на жителите на регионите во Украина, изјави денеска рускиот премиер Михаил Мишустин. Таа одлука е начин Москва да ја зајакне својата контрола врз оние области кои се под руска окупација. Некои од жителите на тие региони изјавија за АФП дека врз нив биле вршени притисoци да земат руски пасош бидејќи тоа станало неопходно за низа административни процедури.
„ Од октомври минатата година речиси 1,5 милиони луѓе од новите региони добија руски пасоши – рече Мишустин на состанокот на Владата на Русија. Тој ги повика тие луѓе „да почувствуваат вистински промени во градовите и селата“, особено во однос на реконструкцијата, „образовните можности“ и работата.
Во септември 2022 година, Русија објави дека анектирала четири региони на Украина, кои делумно ги окупирала по примерот на полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година. Со години Русија им дели пасоши на жителите на областите на Украина контролирани од проруските сепаратисти на исток, како и на Крим. Истото беше и на териториите под контрола на проруските сепаратисти во Грузија и Молдавија.
Украинските власти ја обвинуваат Москва дека ја користи распределбата на пасошите за да ја оправда својата самопрогласена мисија да ги заштити жителите на Украина кои зборуваат руски. Европската унија објави дека нема да ги признае руските пасоши издадени на окупираните територии на Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа