Расте бројот на жртви од невремето во Грција
Невремето во Грција уништи мостови, куќи и деловни простории, а бројот на жртви се искачи на три лица, јавуваат денеска грчките медиуми.
Маж е пронајден мртов денеска на полуостровот Халкидики откако неговото возило се превртело поради лизгање на земјиштето и слетало во канал, објави весникот „Катимерини“.
Уште две лица го загубија животот за време на викендот во невремето што го погоди северниот егејски остров Лемнос.
Поројниот дожд и невремето предизвикаа значителни штети на Халкидики, особено на Ситонија, каде се поплавени куќи, подруми и продавници, а патиштата беа непроодни поради одрони.
Невремето предизвика штети и на Родос, каде што беше урнат мост во одморалиштето Фалираки, а оштетени се куќи и продавници на брегот, пренесе Ројтерс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа