„Радост е да се спаси живот по повеќе од 118 часа“ – во Чаир пречекани спасувачите кои допатуваа од Турција
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска со најголема почит го пречека тимот на спасувачи на Доброволното здружение на пожарникари „Бајрам Мифтари“ од општина Чаир, кои се вратија од спасувачката акција што ја спроведоа во турските региони погодени од катастрофалниот земјотрес на 6 февруари.
„Во оваа прилика нашите херои Артан Демири, Хетем Арслани, Сефер Демири и Исуф Јакупи ме информираа за акцијата за спасување човечки животи“, изјави градоначалникот Ганиу.
На средбата со емоции спасувачите ги раскажуваа многуте тажни моменти од ситуацијата со која наишле во турските градови по земјотресот, но и моментите на радост што ги почувствувале кога спасувале животи и по 118 часа под урнатините на зградите.
Градоначалникот вели дека нема зборови со кои може да се опише нивното херојство, хуманост, храброст, како и на сите членови на спасувачките тимови кои учествуваат во оваа хуманитарна акција во Турција.
Општина Чаир вчера додели 600.000 денари финансиска помош за погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа