Путин: Руската економија го издржа притисокот на Западот
Во моментот кога беа предложени нови санкции на ЕУ против Русија, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека економијата на неговата земја е стабилна.
„Руската економија го издржа надворешниот притисок од Западот“, рече Путин, говорејќи преку видео врска на состанокот за нацрт-федералниот буџет за 2024, 2025 и 2026 година.
„Економската ситуација во земјата е стабилна и избалансирана. Отпорноста на руската економија е за пофалба. БДП на Русија го достигна нивото последен пат забележано во 2021 година, а владата е подготвена да создаде услови за понатамошен стабилен и долгорочен развој“, рече Путин, пренесува Си-Ен-Ен.
Од инвазијата на Украина на 24 февруари минатата година, ЕУ договори 11 пакети санкции против Русија. Тие беа воведени во форма на економски санкции, индивидуални санкции и визни мерки. Минатата недела, САД, исто така, воведоа дополнителни санкции за повеќе од 150 поединци и ентитети поврзани со руската инвазија.
Западните санкции прво беа наметнати со надеж дека тие ефективно ќе ја спречат способноста на Русија да ја продолжи војната. Но, благодарение на руските резерви на гас и нафта, руската економија успеа да ја надмине бурата. Денес, Полска предложи новите санкции на ЕУ против Русија да вклучуваат забрана за руски дијаманти и течен нафтен гас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа