Прв случај на мајмунски сипаници во Косово
Косовскиот институт за јавно здравје соопшти дека во Косово е потврден првиот случај на вирусот Мпокс или мајмунски сипаници.
Лицето заразено со овој вирус е 30-годишен државјанин на Косово. Тој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на Универзитетскиот клинички центар на Косово на 24 декември по враќањето од Западна Африка и имал симптоми како треска, осип, промени на кожата, осип на лицето и рацете и чешање.
„Пациентот е во стабилна здравствена состојба. Институтот ги следеше сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата“, се вели во соопштението.
Институтот повика на претпазливост, додавајќи дека луѓето со мајмунски сипаници обично имаат благи или умерени симптоми, кои траат две до четири недели.
Мајмунските сипаници се пренесуваат со близок контакт.
Тие обично се придружени со благи симптоми, но во некои случаи вирусот може да биде фатален за луѓето.
Вирусот е придружен со симптоми слични на грип, како и гнојни плускавци по целото тело.
Во август, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална вонредна состојба за јавно здравје.
Прогласувањето на болеста за глобална вонредна здравствена состојба значи дека може да се распределат повеќе ресурси и да се преземат активности на глобално ниво за да се спречи ширењето на вирусот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа