Прогласена вонредна состојба во Република Српска
Владата на Република Српска прогласи вонредна состојба пред изрекувањето на пресудата на претседателот на ентитетот, Милорад Додик, објавувајќи ја подготвеноста да ги преземе „сите неопходни мерки за заштита на институциите, имотот и интересите на граѓаните на РС“.
Влада на ентитетот синоќа одржа вонредна седница зад затворени врати, откако со завршните зборови на одбраната и обвинителството заврши едногодишното судење на Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, кои се обвинети дека не ги спроведувале одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ.
Државниот обвинител Недим Ќосиќ побара Додик и Лукиќ да бидат прогласени за виновни и осудени на затворски казни „блиску до максимум“ од пет години. Тој предложи и на двајцата судот да им изрече десетгодишна забрана за вршење функции во владини органи или институции финансирани од буџетот.
Одбраната на Додик и Лукиќ побара тие да бидат ослободени, тврдејќи дека не се виновни затоа што Кристијан Шмит не бил законски избран висок претставник и не можел да носи обврзувачки одлуки или да поништи два закони чие објавување во Службен весник на РС го олеснил обвинетиот и затоа им се судело.
Премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ денеска изјави дека Владата ги разгледува „сите можни сценарија“ по изрекувањето на пресудата на 26 февруари, како што соопшти судијата Сена Узуновиќ по рочиштето.
„Не сум преголем оптимист… Гледам дека работите се движат во насока на пресуда за вина и елиминирање на Додик од политичкиот живот на РС“, рече Вишковиќ за јавниот сервис на ентитетот (РТРС).
Тој заклучи дека, доколку Додик биде осуден, Србите во Босна и Херцеговина би можеле да доживеат судбина „слична на онаа на српскиот народ во Хрватска“.
Додик вчера, по завршувањето на судското рочиште, изјави дека пресудата за вина „може да и зададе фатален удар на Босна и Херцеговина“, а Вишковиќ исто така нагласи дека одговорноста за судбината на цела Босна и Херцеговина сега е во рацете на Судот на БиХ.
„Одлуката на судот ќе биде историска, или за опстанокот или за исчезнувањето на БиХ“, заклучи Вишковиќ.
Вишковиќ не објасни точно какви мерки РС има намера да преземе доколку Додик биде прогласен за виновен и осуден на затворска казна, само рече дека нивниот одговор „ќе биде уставен“, односно дека во тој случај ќе преземат чекори за „враќање на целата БиХ во уставната рамка“.
Додик и неговите соработници со години се залагаат дека Уставниот суд на БиХ, Судот на БиХ и Обвинителството на БиХ не се легални, дека се дадени премногу овластувања на органите на државно ниво и дека тие мора да им се вратат на субјектите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го поддржа Додик и рече дека се надева на ослободителна пресуда. Тој вели дека на Додик му се суди за „вербални навреди и различни политички мислења“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа