Продолжуваат протестите во Франција поради пензиските реформи, блокирана е железницата

 

 

Во Франција денеска се обновени протестите и штрајковите против пензиските реформи, со зголемено полициско обезбедување поради ризикот од насилство.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманен изјави дека 13.000 полицајци се распоредени на улиците, од кои речиси половина во главниот град.

Протестите почнаа мирно, јави АП.

Во Париз железничарите со запалени факли и знамиња ја блокираа пругата на една од главните станици на главниот град Гаре де Лион.

Новиот бран штрајкови и протести е десетти од почетокот на годинава, а денешниот протест се одржува два месеца по почетокот на социјалната мобилизација против спорниот закон.

Синдикатите ги повикаа работниците да ги напуштат работните места и да излезат на улица.

Демонстрации и насилство ја потресоа Франција и пред 16 март кога со вонредно уставно овластување без гласање во Националното собрание беа усвоени контроверзните реформи за одложување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Протестот против пензиската реформа продолжи во неколку градови во саботата, а се собраа само неколку стотици луѓе, но во четвртокот излегоа од еден до 3,5 милиони луѓе во зависност од изворот.

Тогаш демонстрациите беа придружени со напади врз полицијата, палење на влезот на градското собрание во Бордо, судири и пожари во Париз.

Премиерката на Франција, Елизабет Борн, изјави дека не се откажува од реформата на пензискиот систем.

Реформата е усвоена и „ќе оди по својот тек“ до Уставниот совет, кој ќе се изјасни, а на крајот од процедурата претседателот на Републиката „мора да го прогласи законот“ како што е предвидено во Уставот, рече таа.

28.03.2023 - 21:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега