„Продавам цвеќиња за да ги прехранам внучињата од мојот починат син“ – ајде сите да ѝ помогнеме на баба Ѓурѓа од Карпош
Ги наредила букетите со цвеќиња во гајби за продажба, седнала на едно мало пластично столче пред главниот влез во Тинекс во Лептокарија и цел ден го минува таму, чекајќи потенцијални купувачи на цвеќиња. Станува збор за 92-годишната баба Ѓурѓа, која зиме-лете можете да ја сретнете на истото место, чекор или два од влезот на Тинексот во Карпош, веднаш спроти фонтаната.
За неа не важат препораките за заштита од жештините преку лето, а не важат и препораките за заштита од студот преку зимата.
Баба Ѓурѓа, едноставно, има секојдневна задача: да продаде цвеќе за да може да ги прехрани внучињата од нејзиниот починат син, а приказната за неа ја пренесе порталот Денар.
-Ни жешко, ни тешко, никој мене за ништо не ме прашува. Имам 92 години, стара сум и болна, сѐ ме боли, ама морам да продавам цвеќиња за да се прехранам јас и моите внучиња кои ги чувам од мојот починат син. Немаат никој друг на светов, освен мене. Што да правам синко, таков е животот. И вам ви посакувам да си дочекате длабока старост, ама да не се мачите вака како мене, вели бабичката.
На прашањето дали самата ги сади и ги одгледува цвеќињата вели:
-Кај сум јас за садење и за одгледување цвеќиња, видете ме, едвај стојам на нозе. Другиот син ги бере од нива и ми ги носи за да ги продавам. Тука сум секој ден од рано наутро до пред стемнување. Немало ден да не продадам цвеќе. Има многу добри луѓе кои се сожалуваат и кои ми даваат дури повеќе пари отколку што навистина вредат цвеќињата. Некои ми купуваат и храна и вода, вели баба Ѓурѓа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа