Приватните превозници на средба со надлежните, ако не се постигне договор ќе бидат уште поригорозни: „Нашите проблеми тешко се решаваат со градоначалничката на Скопје

Автобускиот превоз во Скопје од денеска е редуциран. Приватните превозници одлучија да сообраќаат само наутро, од пет часот.

Според изјавата на претставник на приватните превозници за „Макфакс“ еден автобус ќе вози само една тура, на една линија.

„Денеска редуцирано сообраќаат автобусите со број: 45, 23, 63, 73, 61, 22, 52, 54, 19 и 20“, потврдија од приватните превозници за „Макфакс“.

Од таму појаснуваат дека имаат неисплатен долг, кој за трите фирми заедно изнесува над 120 милиони денари. Истовремено бараат и покачување на цената на изминатиот километар.

Претставникот на приватните превозници истакна дека нивни луѓе веќе се на средба и разговори со надлежните институции, во случајов, конкретно со директорот на ЈСП-Скопје и секртетарот на Град Скопје и дека е можен договор за решавање на проблемите.

Во спротивно, како што вели, доколку не дојде до тоа, ќе продолжат и понатаму со редуцирања кои во иднина би биле уште поригорозни.

„Нашите проблеми тешко се решаваат со градоначалничката на Град Скопје. Таа нема никаков слух за нас, единствено сака таа да е во право а другите да бидат обвинети“, вели соговорникот за „Макфакс“, кој поради притисоци, како што рече, не сака да го открива неговото име и презиме.

 
02.09.2024 - 10:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега