Приватниот превозник на автобуски градски превоз во Скопје денеска не сообраќа на 5 линии
Приватниот превозник на автобуски градски превоз „Макекспрес“ денеска не сообраќаа на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, поради неисплатен долг од страна на ЈСП „Скопје“ и Град Скопје.
Ниту еден автобус од „Макекспрес“ не е излезен утрово, поради тоа што, како што тврдат, немаат средства.
Сопственикот на компанијата Милорад Димитријевски вчера побара итна средба со раководството на ЈСП „Скопје“ и градските власти.
– Поради неподмирените долгови од страна на ЈСП, се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот превоз. Имено, моменталниот долг на ЈСП кон претпријатието „Макекспрес“ превоз до овој момент изнесува повеќе од 30 милиони денари и овој долг секојдневно расте, линиите 19, 20, 22, 52 и 54 од утре најверојатно нема да бидат функција, рече вчера Димитријевски.
Тој бара исплата на долгот за август, септември и октомври и да почне редовна исплата на неделните аконтации за извршен превоз.
Во спротивно, вели Димитријевски, нема да бидат во можност да го извршуваат превозот и напомена дека за да можат нормално да работат, парите им се итно потребни за набавка на гориво, резервни делови за тековно одржување на автобусите, како и за исплата на плати и придонеси за возачите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа