Предупредување: Мора да бидеме подготвени за појава на нов „Ел Нињо“
Во многу делови од светот озлогласениот метеоролошки феномен Ел Нињо повторно се појави и речиси е сигурно дека ќе влијае на глобалната клима во втората половина на оваа година, објави Светската метеоролошка организација (СМО) во Женева.
Климата која ја создава Ел Нињо повторно се појави во тропскиот дел на Пацификот за прв пат по неколку години, а тоа би можело да ги зголеми глобалните температури и да ги промени регионалните временски и климатски шеми, пренесува ДПА.
СМО со 90 проценти сигурност тврди дека овој феномен ќе доминира во втората половина од годината, но степенот на ова влијание сè уште не може да се предвиди.
Последен пат силните ефекти на Ел Нињо беа почувствувани во 2015/2016 година, а научниците не се согласуваат за влијанието на тој феномен врз климата во сезоната 2018/2019.
„Почетокот на Ел Нињо во голема мера ја зголемува веројатноста повторно да се срушат температурните рекорди“, рече директорот на WMO, Петери Талас.
Тој ги повика владите да преземат превентивни мерки со цел да се спасат човечки животи во екстремни временски услови.
Ел Нињо не е поврзан со климатските промени предизвикани од човекот, но може многу да го засили нивниот ефект бидејќи дополнително ја загрева атмосферата.
Тоа е феномен кој се појавува на неколку години, паралелно со затоплувањето на Тихиот Океан и слабите ветрови кои дуваат од суптропските области кон Екваторот.
Ел Нињо носи влажно и дождливо време и поплави во инаку суви области на Јужна Америка и сушен период во Индонезија. Во периодот на Ел Нињо се менуваат струите на ветерот кои дуваат од запад кон исток, а потоплите води се акумулираат кон источните делови на Тихиот Океан, со што се подига нивото на океанот и се намалува дебелината на слојот хранливи материи во него.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа